Актуелниот вицешампион Пелистер оствари една од најубедливите победи оваа сезона откако славеше во дуелот со Вардар со 98-57.
„Црвено-црните“, кои од идната сезона ќе учествуваат во Втората лига, не успеаја да дадат посериозен отпор на домаќинот, па натпреварот повеќе наликуваше на нешто посилен тренинг за Пелистер. Како минуваше времето, така растеше предноста на битолчани за на полувреме да изнесува 48-22.
Вардар целосно се распадна во третата четвртина, кога Пелистер успеа да стигне до највисоката предност на мечот и да ја одржи до самиот крај, односно да триумфира со 41 поен разлика.
Гамбрел со 20 поени беше најефикасен во составот на Пелистер, додека Бајрам запиша 19 поени за Вардар.


