Актуелниот вицешампион Пелистер се пласира во полуфиналето од завршниот турнир во Купот на Македонија што се одржува во Гевгелија откако денеска славеше против Чаир со 76-72.
Пелистер поквалитетно го отвори натпреварот и набрзина поведе со 10-2, но краткиот пад на концентрацијата беше ескпресно казнет од противникот кој се приближи на 10-9. Трајковиќ зеде тајмаут и битолчани веднаш ја вратија сигурноста во нападот, Мишковиќ блесна и постигна 12 поени во првата четвртина, меѓу стрелците се запиша и новото засилување Гамбрел, па по првите 10 минути резултатот гласеше 25-20, по тројката ја постигна Ролинс пред крајот на четвртината.
Вториот период мина во контрола на резултатот од страна на „зелено-белите“. Чаир за момент се врати и намали на 28-27, но Пелистер имаше одговор преку Гамбрел и Мишковиќ, по што избраниците на тренерот Трајковиќ повторно создадоа резултатска дистанца. Со поените на Крстевски во последната минута од првото полувреме имавме водство од 41-33, што повторно како и во првата четвртина го намали Ролинс со тројка, па на одмор се замина со заслужена предност на Пелистер од 41-36.
Битолскиот клуб продолжи да го контролира резултатот и во текот на третата четвртина, Гамбрел погоди уште две тројки и „зелено-белите“ имаа 51-43 во 25. Минута. Следеше украдена топка и асистенција на Стајиќ, по која Гамбрел погоди уште еднаш за прво двоцифрено водство на Пелистер (53-43). Противничкиот тренер побара тајмаут, Крстевски постигна значајни пет поени во серија, но Чаир одговори со сопствена миини-серија, намалувајќи на 60-55 на 55 секунди до крајот на третата четвртина. Трајковиќ зеде тајмаут, Крстевски повторно реализираше, но Мофит беше прецизен (под прекршок на Стајиќ) на спротивната страна, по што Кели заби пред самиот крај на четвртината и во последните 10 минути се влезе со минимални 62-60 за Пелистер.


