Еден од најдобрите македонски кошаркари во моментов Андреј Јакимовски конечно ќе заигра во националниот тим, по пауза од три години.
Пет сезони тој настапуваше во НЦАА, па не беше во можност постојано да игра во репрезентацијата, а последниот настап го забележа на 28 август 2022 година против Словачка во Скопје, во претквалификациите за Европското првенство што се одржа годинава. Иако многу помлад, тогаш покажа дека има квалитет да биде еден од носителите на играта, па затоа многу е очекува од него на претстојните натпревари.
„Задоволство ми е повторно да бидам со репрезентацијата, како што знаете по одреден период конечно сум тука, и сакам да помогнам. Сакам да почнеме од некаде, ни следат два важни мечеви во претквалификациите за Европското првенство.
Максимално сум фокусиран на првиот меч со Азербејџан, ги повикувам сите и целата јавност да дојде да ни даде поддршка. Ова е прв чекор кон нашата цел, а тоа е да бидемее дел од Европското првенство во 2029 година. Поради оправдани причини во изминатите години не можев да бидам тука, но сега сум во Европа. и исправен сум, спремен да помогнам на репрезентацијата, на тимот и на селекторот“, рече Јакимовски.
Тој веќе му се стави на располагање на селекторот Марјан Илиевски, а в четврток се очекува да ја носи екипата до победа против Азербејџан.


