Денеска почнува 18. коло од Првата македонска кошаркарска лига, прво по пауза од три недели која беше предизвикана со завршницата од Купот на Македонија и квалификацискиот „прозорец“ на ФИБА.
Со ова стартуваат и последните пет кола во кои треба да се искристализираат позициите на екипите пред стартот на плејофот. Во 18. коло нема класично дерби бидејќи не се среќаваат екипи кои се меѓу првите пет на табелата, но тоа не значи дека нема да има интересни дуели бидејќи се води жестока битка за секоја позиција.
На хартија, најлесна задача има шампионот МЗТ Скопје кој во претходното коло доживеа шокантен пораз од Гостивар, а денеска го пречекува „фенерџијата“ Вардар. Колото почнува со пресметката меѓу Феникс и МКК Куманово со тоа што скопскиот тим е во одлична форма и е во серија од четири победи, каква нема ниедна друга екипа во моментов. Кумановци се најпријатно изненадување бидејќи како екипа дебитант во Првата лига, стигнаа до третото место на табелата.
Интересно се очекува да биде и во Чаир каде домашниот тим го пречекува ТФТ, како и во Кисела Вода каде Работнички како домаќин ќе се сретне со Тиквеш кој се бори за опстанок.
ДВОЈКИ ЗА 18. КОЛО
ДЕНЕСКА
Феникс – МКК Куманово 12:00
МЗТ Скопје – Вардар 17:00
Шкупи – Пелистер 19:00
Чаир – ТФТ 20:30
НЕДЕЛА
Работнички – Тиквеш 18:00
ПОНЕДЕЛНИК
Кожув – Гостивар 18:00


