Како што беше најавено, на денешното годишно Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија, поставено е и барањето за гласање доверба на претседателот Перо Антиќ.
Него го истакна претставникот на третолигашот МКК Вардар, Томче Стојчевски кој го оспори и реизборот на Антиќ минатата година.
„Спорен е легимитетот на Перо Антиќ по неговиот реизбор лани во март, бидејќи тоа била приватна забава со оглед што на Собранието учествувале вработени во КФМ, негови роднини, па дури и неговиот татко“, рече Стојчевски.
Претходно, присутните претставници не ги прифатија предлозите на Антиќ за членови на комисиите. Сепак, дебатата засега не води никаде, раководството на Федерацијата не прифаќа да се гласа за доверба со образложение дека тоа е спротивно на статутот, а присутните во огромен број инсистираат на тоа.


