По повеќе од половина век и неколку години одложување, салата на Кошаркарскиот клуб Работнички во Градски парк конечно почна да се реконструира и наскоро ќе добие нов лик.
Денеска на специјална прес-конференција, Горан Герасимовски, градоначалникот на Општина Центар која е и сопственик на КК Работнички, го означи почетокот на работите и најави дека до почетокот на следната сезона, 15-кратниот шампион на Македонија ќе се врати во својот дом.
„Со оваа реконструкција го враќаме достоинството на овој спортски симбол на нашата општина, дом на македонската кошарка. Многу мои претходници ветуваа решенија и проекти на хартија, но без реализација. Откако годинава ја добивме надлежноста врз објектот, веднаш почнавме со работа. Реконструираниот простор целосно ќе ги исполнува ФИБА стандардите, а КК Работнички ќе добие современа сала за тренинзи и натпревари, што ќе овозможи враќање на клубот на европската кошаркарска сцена”, изјави Герасимовски.
Активностите на терен веќе во полн ек. Се поставува нова фасада и покрив, а првата фаза опфаќа целосна реконструкција на канцелариските простории каде беа сместени спортските федерации. Втората фаза предвидува реконструкција на теренот, негово проширување, поставување нова еластична подлога според стандардите на ФИБА, реконструкција на гледалиштето со нови седишта, како и на соблекувалните и туш кабините, и поставување на климатизација и подно греење.
„Со оваа целосна реконструкција, салата Градски парк ќе стане современа и енергетски ефикасна, целосно прилагодена за врвни спортски настани. Салата ќе биде модернизирана и целосно прилагодена за тренинзи и врвни спортски настани. КК Работнички заслужува вистински дом, а со оваа реконструкција Општина Центар тоа ќе го обезбеди за својот најтрофеен клуб, отворајќи нови можности за успеси и давајќи поттик за понатамошен развој и подем на македонскиот спорт“, додаде Герасимовски.
Работнички се иссели од Градски парк во 2020 година откако Кошаркарската федерација не дозволи таму да се играат натпревари затоа што не се исполнети условите според ФИБА. Со реконструкцијата, теренот ќе биде поместен, капацитетот ќе биде задржан, а целото здание ќе биде многу помодерно. Пред неколку години, додека Градоначалник на Центар беше Саша Богдановиќ, во јавноста излезе проект за нова сала во Градски парк, но таа идеја не заживеа затоа што планот опфаќаше парцели кои не се во сопственост на Општината.


