Со натпреварот меѓу Феникс и МЗТ Скопје, денеска почнува 21. коло од Првата македонска кошаркарска лига.
Во него нема ниедно класично дерби, но натпреварите можат да дадат одговори на некои значајни прашања. Во моментов, сигурно е дека МЗТ Скопје ќе стартува како првопласиран во плејофот, дека Вардар официјално е испаднат и дека Гостивар и Шкупи ќе играат во плејаутот.

Затоа, дури пет екипи се во борба за второто место, а три за две позиции кои водат во плејофот. Во овие сегменти ништо не е сигурно, па се ќе се решава во последните две кола.

На хартија, најинтересно се очекува да биде во Кавадарци каде Тиквеш го пречекува ТФТ и можно е со победа да се израмни со Чаир и Феникс кои се на седмата и осмата позиција. Во таков случај, последното коло ќе одлучува кој од нив ќе влезе во плејофот, а кој ќе се бори за опстанок. Од друга страна, ТФТ е во жестока борба за втората позиција и барем нешто полесен ривал во првата рунда од плејофот.


