Со три натпревари, денеска почнува шестото коло во македонската кошаркарска Суперлига кое носи едно мега–дерби.
В сабота во Битола, Пелистер го пречекува шампионот МЗТ Скопје во реприза на финалните серии од плејофот од 2022, 2023 и 2024 година. Двете екипи во текот на неделата имаа меѓународни натпревари, Пелистер загуби од Цедевита Јуниор во ФИБА Европа купот, а МЗТ Скопје славеше против Студент Бања Лука во АБА 2 лигата.
Не е исклучено утрешниот дуел да биде најава за нови пресмети на Пелистер и МЗТ Скопје во борбата за трофеите во домашната кошарка бидејќи битолскиот клуб направи одличен тим, а аеродромци секогаш се главни фаворити за трофејот. МЗТ најверојатно ќе биде комплетен бидејќи Мак Смит се врати од САД откако ги пропушти претходните два меча на својот тим. Пелистер е еден од трите непоразени во досегашниот дел од првенството, додека МЗТ Скопје иако ниеднаш не загуби на терен, поради административна грешка заостанува два бода зад водечкото трио.
Денешната програма брои три натпревари. Од 17 часот во Кавадарци, Тиквеш го пречекува Феникс, додека во Скопје, ТФТ се среќава со Ангели и за крај, Гостивар игра против МКК Куманово на домашен терен. Останатите три натпревари се на програмата в утре и в недела.
ДВОЈКИ ЗА 6. КОЛО
ДЕНЕСКА
Тиквеш – Феникс 17:00
ТФТ – Ангели 17:00
Гостивар – МКК Куманово 18:00
САБОТА
Работнички – Чаир 15:00
Пелистер – МЗТ Скопје 20:00
НЕДЕЛА
Кожув – Маџари 20:30


