Со одигрувањето на денешните натпревари, познати се сите учесници на Европското првенство, но и сите репрезентации кои ќе учествуваат во втората фаза од претквалификациите за Мундијалот во 2027 година.
Дел од овој сегмент ќе биде и Македонија која не успеа да се пласира на континенталниот шампионат и повторно ќе почне од најдолната можна етапа. За разлика од претходните настапи во претквалификациите, сега друштвото е далеку поквалитетно бидејќи во конкуренција се репрезентации како Хрватска, Украина, Бугарија, Холандија и Унгарија, селекции кои настапија на Еуробаскетот во 2022 година.

Останатите можни ривали се Данска и Словачка кои ни се добро познати од претходните циклуси на претквалификациите за европските и светските првенства. Од првата фаза на претквалификациите за Мундијалот, понатаму одат Австрија, Норвешка, Романија и Швајцарија.
Претквалификациите за Светското првенство ќе се одржат од 2 до 20 август, 12. репрезентации ќе бидат поделени во четири групи со по три учесници, а пласман во квалификациите обезбедуваат најдобрите две од секоја група или вкупно осум. Иако не е официјално, според пласманот, Македонија би требало да биде сместена во вториот шешир.


