Кошаркарската репрезентација на Македонија повторно ќе игра претквалификации за едно големо натпреварување.
Откако не успеа да се пласира на Европското првенство, нашиот национален тим ќе почне од долната фаза на патот кон Мундијалот, заедно со уште 11 репрезентации. Друштво на Македонија ќе ѝ прават: Австрија, Бугарија, Хрватска, Данска, Унгарија, Холандија, Норвешка, Романија, Словачка, Швајцарија и Украина.

Репрезентациите ќе бидат поделени во четири групи по три, а пласман во квалификациите обезбедуваат најдобрите две од секоја група. Претквалификациите се на програмата од 2 до 20 август оваа година што значи дека на нашите кошаркари им претстои жешко лето.
Ждрепката за претквалификациите ќе се одржи на 14 март во 14 часот во швајцарскиот град Миес. Репрезентациите ќе бидат рангирани во шеширите според пласманот на новата ранг-листа на ФИБА која треба да излезе идната недела, а според тоа, Македонија би требало да биде во вториот шешир.


