Најмалку тројца искусни кошаркарски стручњаци биле одбиени од КФМ за тренери во второто полугодие во Спортската академија.
Се работи за трофејни тренери, со долг стаж во кошарката кои не го поминале филтерот на Кошаркарската федерација. Во редакцијата на КОШ.МК се јавија Борче Даскаловски, Сашо Тодоровски и Горан Андреевски кои не се на листата на тренери на оваа образовно-спортска институција.
„Ве известуваме дека вие како апликант на овој конкурс, не сте на листата на тренери, која е доставена до Минстерството за образование и наука“, им биле соопштено на тренерите во известувањето доставено до нив на последниот ден од јануари.
Даскаловски е професор по Кошарка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, со искуство и како прв тренер во Првата македонска кошаркарска лига. Тодоровски повеќе од три децении работи како тренер, беше во стручниот штаб на кадетската репрезентација која го освои четвртото место на Европското првенство во 1995 година, а меѓу другото, има работено како асистент на Емил Рајковиќ во ЦСКА Москва, осумкратен европски шампион. Андреевски повеќе од четврт век работи како тренер, има своја школа и беше селектор на јуниорската репрезентација која минатото лето го освои златото на Европското првенство Б-дивизија што е најголем успех на една македонска младинска селекција.
Тренерите во Спортската академија ги предлага Кошаркарската федерација, а ги потврдува Министерството за образование и наука.





