Минатиот викенд се одигра деветтото коло од Првата македонска кошаркарска лига кое го одбележаа три дерби дуели во кои учествуваа пет од првопласираните шест екипи на табелата.
По завршувањето на деветтиот круг, на табелата се издвои тимот на ТФТ, а и покрај поразот од Пелистер, најблиску до него остана Чаир. Двата скопски клуба се најпријатно изненадување и освежување во елитната конкуренција и во многу сегменти показател за оние со поголемо реноме и подолг стаж во Првата лига, како треба да функционираат клубовите на спортски план.

Заедничко за двата клуба е тоа што пред една деценија ТФТ и Чаир воопшто не постоеја, а сега се при врвот во македонското првенство. ТФТ правно е формиран во 2010 година, но проектот не заживеа веднаш, туку во сезоната 2018/19 кога почна да се натпреварува во системот на Кошаркарската федерација на Македонија. Од 2020 година е во Првата лига и може да се пофали со еден трофеј, освоен во Купот, во 2022. Чаир е формиран во 2015 година, а сезонава му е трета во Првата лига и досега бележи најдобри резултати во своето постоење. Во оваа натпреварувачка кампања успеа првпат во својата кратка историја да го победи шампионот МЗТ Скопје, а двата пораза ги доживеа од Работнички и Пелистер. И ТФТ и Чаир функционираат поради ентузијазмот на своите сопственици и тренери кои, меѓу другото, се и поранешни кошаркари во Првата лига на Македонија.
Зад ТФТ и Чаир, по девет одиграни кола се најтрофејните во македонската кошарка МЗТ Скопје и Работнички, а по нив е актуелниот вицешампион Пелистер. Топ-6 го заокружува поранешниот вицешампион Кожув по што следува дебитантот во елитната конкуренција МКК Куманово.
Оваа сезона, една третина од Првата лига сочинуваат клубови со релативно кратка историја. Покрај спомнатите ТФТ и Чаир, тука се и Феникс и МКК Куманово. Феникс е член на елитата од 2021 година, а МКК Куманово минатата сезона обезбеди пласман во Првата лига, три години по формирањето.


