Обилните дождови што паднаа последните денови, создаде проблеми во спортската сала „Младост“ во Гостивар, а со тоа удри и на кошаркарскиот клуб од овој град.
Гостиварци не беа во можност да тренираат пред исклучително важните дуели во борбата за опстанок и нема да можат да го пречекаат својот следен противник на домашен терен. Утре Гостивар е домаќин на Работнички, но овој меч ќе се игра во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода која во последно време стана прибежиште за сите оние кои имаат неволји со терените каде играат како домаќини.
Еден од нив е токму Работнички кој сезоната ја почна во големата сала во СРЦ Кале, па по конфликтот со раководството на Федерацијата се пресели во малата сала која е сопственост на КК Вардар, за последните два меча да ги игра, исто така во Кисела Вода.


