Македонската кошаркарска репрезентација вечерва го игра последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство, против Полска на домашен терен.
Дуелот нема никакво резултатско значење бидејќи нашиот национален тим ги загуби шансите за пласман на континенталниот шампионат, но кошаркарите имаат обврска да дадат се од себе и да се обидат да дојдат до втора победа во овој циклус. На денешниот натпревар ќе има и една промена во составот, во однос на мечот против Естонија во петокот во Талин.
Во конкуренција за настап ќе биде големата македонска надеж Теодор Симиќ кој не играше во Естонија поради здравствени проблеми. Во меѓувреме заздраве и вечерва ќе игра како замена за кошаркарот на ТФТ, Страхил Николов кој отпадна од конкуренција. Остатокот од тимот е ист што значи дека во составот остануваат двете најголеми ѕвезди Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс.
Со Симиќ во тимот, се очекува нашата репрезентација да биде поконкурентна под кошевите, а играчот на Кожув ќе има можност за ново репрезентативно искуство.


