Македонската сениорска репрезентација денеска замина за Унгарија каде в сабота ќе се сретне со домашната селекција во својот втор меч од претквалификациите за Светското првенство.
По поразот од Романија на домашен терен, шансите за наш пласман во квалификациите се драстично, но со оглед на тоа што нашата селекција е во формирање, таквиот епилог не е воопшто трагичен. Целта на оваа подмладена екипа треба да биде Европското првенство во 2029 година кога најголем дел од кошаркарите ќе бидат во своите најдобри кошаркарски години.
Селекторот Марјан Илиевски при заминувањето направи анализа на она што се случуваше досега и тоа што го очекува на вториот дуел од претквалификациите.
„Она што е наш недостаток е новото создавање на оваа репрезентација. Паралелно на сето тоа, овие наши играчи, немаат забележителна улога во екипите за кои настапуваат. Она што ќе го истакнам за последниот натпревар, тоа беше натпревар каде треба да ги пофалам сите момци кои го дадоа својот придонес на паркетот., својата енергија. Сето она кое што следи, ќе доаѓа со нивното искуство за вакви натпревари. Се надевам дека во сето тоа ќе имаме подобрување. Можеби нема да дојде преку ноќ, можеби нема да дојде во овој ‘прозорец’ сега. Меѓутоа, ова ќе значи многу за она што претстои. Бројките не ни значат ништо во однос на индивидуални решенија од самите наши поединци. Туку ни значи сето она што се вика колектив. Мислам, поточно убеден сум дека на средбата со Романија се гледаше дека функционираме како тим.
Унгарците се една атлетска екипа, која што игра брза и модерна кошарка. Екипа каде сите играчи шутираат од сите позиции. Нивниот играч Војвода, е со најголема возраст, и е клучен играч во таа репрезентација. Сето она кое што треба да го направиме, е да ја спречиме таа нивна игра во транзиција. Да се обидеме сите отворени шутеви да ги затвориме. Сето она кое што е наша особина, и наша карактеристика, колку што можеме да го подобриме нападот. Бидејќи одбраната е желба, а кај нас таа постои. И нормално е дека секогаш постои простор да се поправа. Тоа, заедно со малку поголема самодоверба кај младите играчи да го реализираат тоа во нападот, верувам дека сето тоа ќе изгледа многу поразлично“, изјави Илиевски.
Репрезентацијата вечерва треба да пристигне во Солнок каде в сабота ќе се игра натпреварот против Унгарија, а веднаш потоа ќе се упати кон Орадеа каде на 13 август ќе ѝ гостува на Романија.


