Вечерашното финале од Купот на Македонија со себе носи и еден куриозитет, поврзан со тренерите на Кожув и МЗТ Скопје.
Тоа е најмладиот тренерски тандем во мечот за трофејот во ова натпреварување бидејќи едниот има 33, а другиот само 30 години – возраст на која се уште има плејада активни кошаркари. Неверојатно звучи податокот што Апостоли Апостолов со 33 години е повозрасен од својот колега од спротивната страна Васко Атанасов.
Интересно е тоа што двајцата се родени по осамостојувањето на Македонија (8 септември 1991). Апостолов е роден неполн месец подоцна, на 3 октомври, а Атанасов на 14 април 1994 година. Во двете екипи има кошаркари кои се повозрасни од нив двајца, кај МЗТ Скопје тоа се браќата Стојановски и Бојан Крстевски, а во Кожув е Димитар Караџовски кој е еден од двајцата играчи во македонската кошарка кои настапуваат во петтата деценија од животот и Фран Пилепиќ. Дион Едвин е повозрасен од Атанасов, но не и од Апостолов.
Најмлад тренер освојувач на трофејот во Купот на Македонија е Емил Рајковиќ кој на 29 години и 6 месеци го освои својот прв трофеј. Атанасов лани за малку не го собори неговиот рекорд бидејќи триумфираше со 29 години и 10 месеци.


