Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички се соочува со големи проблеми оваа сезона кога станува збор за терените каде ги игра своите натпревари како домаќин.
Откако поради конфликт со Кошаркарската федерација беше избркана од големата сала во СРЦ „Кале“, екипата на Работнички се пресели во салата на Вардар, но таму одигра само еден натпревар затоа што и таму КФМ не дозволи да се играат натпревари поради тоа што димензиите околу теренот „не ги исполнуваат технчките услови во делот на теренот за игра“. Од клубот во тоа видоа реваншизам затоа што Работнички е против актуелното раководство на Кошаркарската федерација, пред се поради тоа што 13 кола во таа сала регуларно се играа натпревари, но сепак клубот од Градски парк мораше да најде нов терен каде ќе ги пречекува своите ривали до крајот на сезоната.

Иако во комбинација беше СЦ „Борис Трајковски“, дуелот против Вардар ќе се игра в сабота од 17 часот во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода. На тој меч, Работнички е казнет и нема да има публика на трибината поради што и не беше многу важно каде ќе игра, а не е исклучено до крајот на сезоната повторно да го смени теренот каде ќе настапува како домаќин и, евентуално, да се пресели во „Борис Трајковски“.
Сето ова се случува во период кога интензивно се работи на реконструкција на салата во Градски парк која треба да биде готова до почетокот на идната сезона и со тоа треба да заврши голготата на 15-кратниот шампион на Македонија која трае повеќе од четири години.


