Актуелниот шампион МЗТ Скопје ја оствари 12. победа во последните 13 натпревари против Работнички откако вечерва го совлада својот најголем ривал со 75-62.
Тимот од Градски парк пружи отпор само во првото полувреме во кое имаше и двоцифрено водство, но во продолжение од мечот не можеше да издржи со само еден плејмејкер. До израз дојде квалитетот на бранителот на титулата кој победи петти пат по ред во првенството.
Работнички одлично почна, по израмнетите шест минути, ја презеде контролата над резултатот и до крајот на првата четвртина веќе имаше +9 (26-17). Добрата игра продолжи и во вториот квартал кога гостите ги достигнаа највисоките +12 (31-19), но како и самите гостински кошаркари да се исплашија од убедливата предност и можноста да победат на овој меч. Почнаа да играат конфузно во нападот, лесно да ги губат топките и да промашуваат зицери, а МЗТ Скопје тоа го искористи за да ја стопи негативата. Не успеа да израмни, но на полувреме Работнички имаше само минимална предност (44-42).
Тимот од Градски парк остана во водство уште неколку минути во третиот период, а потоа МЗТ Скопје го сврте натпреварот во своја корист. По четири минути игра поведе со 50-49, а потоа се случи момент кој влијаеше на конечниот исход. Виктор Ефремовски на влез кон противничкиот кош имаше судир со двајца играчи на МЗТ Скопје, впечаток е дека имаше лична грешка, но арбитрите останаа неми. Капитенот на Работнички жестоко реагираше на тоа и доби две технички грешки за што автоматски беше исклучен што дополнително ја скрати ионака кратката ротација на гостинскиот тим.
МЗТ Скопје го искористи тоа, ја задржа предност, а во последниот период го дотолчи противникот, дозволувајќи му само постигнати поени за десет минути игра. Во цело второ полувреме Работнички постигна само 19 поени, помалку отколку во првата четвртина во која броеше со 26.
Војдан Стојановски го предводеше МЗТ Скопје со 20 поени, Крстевски додаде 14, а Едвин 12. Стојан Ѓуроски беше најдобар кај Работнички со 18 поени, Шошки додаде 13, а Марковиќ 10.


