Екипата на Работнички им се врати на победите откако вечерва на домашен терен го совлада Гостивар со 77-76.
Малку недостасуваше на тимот од Градски парк да му се повтори ситуацијата од минатата недела против МКК Куманово кога и покрај водството, прими кош од цел терен и загуби. И сега дозволи противникот да се доближи по високата негатива со таа разлика што гостиварци не ја искористија дадената шанса и поразени си заминаа дома.
На две минути пред крајот на натпреварот, Работнички имаше +9 (75-66) и се чинеше дека лесно ќе дојде до триумфот. Гостивар не се предаде и со серија од 7-0 дојде на само два поена негатива. Останаа 20-тина секунди до крајот кога домашните кошаркари не успеаја навреме да ја пренесат топката во предно поле, па им беше одземена и доделена на противникот. При 75-73, Гостивар имаше напад за израмнување или водство, но Роудс тргна без план, се обиде да додаде до Митевски, а се појави Робев да ја украде топката по што беше фаулиран и со две прецизни слободни фрлања стави точка на мечот.
Полутак го предводеше Работнички со 21 поен, но се истакнаа уште Дубински со 19 поени и особено Амар Хот кој го затвори рекетот и оствари 18 скока, повеќе од третина од вкупниот број на својот тим. Хемптон со 21 поен и 13 скока беше прв играч на Гостивар.


