Првпат во историјата, екипите на Работнички и МЗТ Скопје ќе се сретнат во четвртфиналната фаза од Купот на Македонија.
Денеска официјално заврши првата половина од првенството по што е познат изгледот на табелата и познати се двојките за второто домашно натпреварување. Интересна е ситуацијата поради тоа што две екипи завршија со биланс 8/3, а четири со 7/4 поради што за конечниот пласман решаваа меѓусебните дуели.
Во борбата за втората и третата позиција на табелата беше едноставно бидејќи Пелистер е пред МЗТ Скопје затоа што славеше во меѓусебниот дуел со 68-67. Од четвртото до седмото место се Куманово, Кожув, Работнички и Чаир кои имаат по седум победи и четири порази и меѓу нив се прави мини-табела. Во неа, Куманово и Кожув имаат по две победи и завршија на четвртото и петтото место, додека Работнички и Чаир се со по 1/2, а тимот од Градски парк има предност затоа што ги совладаа чаирчани и завршува како шести.
Ова значи дека МЗТ Скопје, Работнички, Пелистер и Чаир се на иста страна од ждрепката, додека ТФТ на хартија има отворен пат до финалето затоа што во четвртфиналето ќе се сретне со Гостивар, а потоа со подобриот од дуелот меѓу МКК Куманово и Кожув каде, според досегашните резултати, би бил фаворит, но и славеше во меѓусебните дуели.
Од исклучителна важност ќе биде каде ќе се игра завршницата од Купот на Македонија бидејќи домашниот терен за еден од тимовите би можел да го одлучи освојувачот на пехарот.
ТАБЕЛА: ТФТ 9/2, Пелистер 8/3, МЗТ Скопје 8/3, МКК Куманово 7/4, Кожув 7/4, Работнички 7/4, Чаир 7/4, Гостивар 4/7…
КУП НА МАКЕДОНИЈА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
(1) ТФТ – Гостивар
(2) Пелистер – Чаир 2030
(3) МЗТ Скопје – Работнички
(4) МКК Куманово – Кожув
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 4
Победник 2 – Победник 3


