По четири порази во низа, Работнички конечно оствари победа на гостински терен, совладувајќи го Чаир во „Шабан Трстена“ со 102-95.
Играчите на Горан Самарџиев беа речиси цел натпревар во водство, го диктираа темпото, а сето тоа поради одличниот шут од дистанца. Центарци имаа свое шутерско шоу, постигнувајќи неверојатни 20 тројки од 38 обиди што значи дека три петини од вкупниот број поени им беше поради ударот од далечина.
Највисоката предност Работнички ја имаше кон средината на втората четвртина кога поведе со 50-38, а ја повтори и во третиот период (63-51). Чаир не се предаде и пред крајот на третата четвртина успеа да го израмни резултатот (72-72), а во последната и да поведе со 76-75. И во најтешките моменти Работнички се извлече благодарение на шутот од дистанца, следуваа три тројки по ред (Марковиќ, Ѓуроски и Робев), подоцна повторно Ѓуроски и Работнички отиде на 92-86 на помалку од три минути пред крајот. Чаир не успеа да ги реализира следните три напади, па во пенал-завршницата Работнички стави точка на својата победа.
Виктор Ефремовски го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона и постигна 29 поени со шест тројки од осум шута, а го следеше Ѓуроски со 19 поени. Кели го предводеше домашниот тим со 34 поени, но Чаир го доживеа шестиот пораз во последните седум натпревари.


