Трет пат во последните четири кола, Работнички ја мина границата од 100 постигнати поени, но денеска го собори тимскиот рекорд во дуелот со Вардар.
Тимот од Градски парк славеше со 112-73 откако претходно постигна 103 против Шкупи и 102 против Чаир. Сепак, не го урна рекордот во Првата лига оваа сезона кој од минатото коло е во сопственост на Шкупи и изнесува 115.
Јасно беше дека Работнички нема да има проблем против последнопласираниот тим на табелата, па Вардар ниеднаш не успеа ни да дојде во водство. Домаќинот отвори со 8-0, во четвртата минута водеше со 19-6, а на крајот од првиот период беше 35-18. Разликата константно се зголемуваше, до највисоките +42 (112-70) на 25 секунди пред крајот.
Интересно е тоа што и покрај 112. постигнати поени, Работнички не се истакна премногу во шутот од дистанца и погоди само осум тројки. Затоа доминираше во скокот и оствари дури 38 скока повеќе од противникот (59-21) од кои 23 офанзивни кои резултираа со 33 поени од втора шанса. Дури седуммина кошаркари постигнаа двоцифрен број поени при што најефикасен беше Ѓуроски со 21, Хот оствари монструозен дабл дабл со 20 поени и 17 скока, а Марковиќ додаде 18 поени и 12 скока. Вкупниот индекс на Работнички изнесуваше 156. Кај Вардар, најефикасен беше јапитенот Хусеин Бајрам со 14 поени.


