Денеска и утре на програмата е 14. коло од Првата македонска кошаркарска лига, а во центарот на вниманието е дуелот меѓу најтрофејните клубови во земјава МЗТ Скопје и Работнички.
Вечерва од 18 часот во „Јане Сандански“, актуелниот шампион го пречекува ривалот од Градски парк во 167. меѓусебна пресметка. Работнички уште води, со 92-74, но последните години, во кои доминираат во домашната кошарка, аеродромци значително ја намалија разликата. МЗТ Скопје влегува во дербито како освојувач на тројната круна и на последните осум трофеи во домашната кошарка, сметајќи ги сите натпреварувања.

Двете екипи имаа есенска полусезона за заборав, двете испаднаа од АБА 2 лигата, но и немаа забележителни резултати во домашното првенство и покрај тоа што МЗТ Скопје во финишот се консолидира и застана на чело на табелата. И Работнички и МЗТ Скопје се соочија со многу играчки проблеми, шампионот остана без двајца од странците кои играат во почетната фаза од сезоната, додека Работнички смени тројца од четворицата странци со кои почна. Голем проблем вечерва ќе биде неиграњето на Џексон Дубински на кого Самарџиев не може да смета уште од минатиот месец. Тоа значи дека тимот од Градски парк против најдобрата бековска линија во земјава ќе биде со само еден класичен плејмејкер, младиот Андреј Шошкиќ. Очигледно ќе мораат да му помогнат Робев и Ефремовски, но позицијата организатор на играта не е нивна примарна.
Во последните 11 меѓусебни пресметки, Работнички оствари само една победа и тоа минатата сезона како гостин, но не во „Јане Сандански“, туку во Кисела Вода. Денешниот меч ќе биде загревање за нивната пресметка идниот месец, во рамките на Купот на Македонија каде ќе се сретнат уште во четвртфиналето.
Во новото коло од Првата македонска кошаркарска лига има уште три дерби дуели. Освен тоа што се среќаваат чаирските ривали Шкупи и Чаир, Кожув ќе го пречека ко-лидерот ТФТ, а МКК Куманово ќе се сретне со вицешампионот Пелистер.


