Вчерашната одлука на Кошаркарската федерација на Македонија да ја суспендира салата на Вардар во склоп на СРЦ „Кале“ поради нерегуларни услови за игра предизвика револт во Работнички кој прво беше избркан од КФМ од големата сала, а откако се пресели во соседството, забрането му е и таму да игра.
Спорни за Федерацијата се 50 сантиметри во делот кај записничнката маса, но неразбирливо за Работнички, како и за целата кошаркарска јавност во земјава, е како досега се играле натпревари во таа сала, односно како таа претходно била рангирана во А-категорија.
„Со ова соопштение сакаме да ја запознаеме македонската јавност за актуелните случувања во Македонската кошарка која го допре дното под водство на В.Д. во заминување перо антиќ. На собранието на Кошаркарската Федерација на Македонија кое што беше одржано на ден 18.12.2024 г. му беше изгласана недоверба на актуелниот В.Д. со 39 гласа против и само 7 за негово останување.
Се поставува логично прашање, од каде го црпи легитимитетот за функцијата која што ја врши и до кога мисли да ја силува Македонската кошарка?
Да ја потсетиме јавноста дека на претходното собрание кое што беше одржано во март 2023 година, дотичниот беше реизбран на функцијата претседател со помош на своите најблиски роднини и пријатели. Записникот од тоа собрание, долго време се криеше од очите на јавноста бидејќи како што бевме сведоци од медиумите, таму се појавија неговите најблиски како преставници на најголемиот дел од кошаркарските клубови кои што му го продолжија мандатот за нови 4 години.
За фарсата да биде поголема вршителот на должност, мртов ладен, одлучи да ги менува правилата на кошаркарската игра. Тој, во сред сезона, прати инспекција во салите за да констатира дека теренот на малата сала кале во која што од неодамна настапува КК Работнички не ги исполнува условите за игра, односно теренот ги нема соодветните димензии според ФИБА кошаркарските правила.
Го прашуваме нелегитимниот, како до сега салата ги исполнуваше условите според ФИБА стандардите, а веќе не ги исполнува после 13 одиграни кола?
Дали тоа значи дека македонското кошаркарско првенство е нерегуларно бидејќи веќе се одиграле 13 кола на терен којшто не ги исполнува условите за игра?
Го повикуваме Министерството за спорт на Република Македонија да ја провери регуларноста на Македонското кошаркарско првенство и во иднина да не дозволува на вакви себе прогласени шерифи да ја држат во заложништво македонската кошарка“, пишува во соопштението од Работнички.


