Поранешниот шампион на Македонија, Работнички продолжува со реновирањето на тимот во пресрет на новата сезона.
Клубот од Градски парк го договори петтото засилување, трето странско. Нов член на Работнички е американскиот центар Џејкоб Хатсон кој во Македонија доаѓа директно од НЦАА каде минатата сезона настапувал за Универзитетот Северна Ајова. Хатсон е висок 211 сантиметри, а последната сезона ја завршил со просек од 11,7 поени, 4,4 скока и шут од игра 47,5%. Со 211 сантиметри сигурно ќе биде еден од највисоките кошаркари во македонското првенство.
Пред Хатсон, Работнички ги донесе македонските кошаркари Борјан Стојаноски и Филип Наков, како и Американците, Брет Томпспон и Џордан Онил. Новиот тренер Владимир Мирковски на располагање ќе ги има и староседелците Стојан Ѓуроски и Виктор Ефремовски, како и Дамјан Робев кој лани потпиша двегодишен договор.


