Поради локалните избори што се одржаа во текот на викендот, во земјава не се играше суперлигашка кошарка, па третото коло е на програмата од денеска до петок.
Во него Работнички ќе го пречека Тиквеш и ќе се обиде да дојде до првата победа во сезоната, а за тоа ќе има помош од уште еден американски кошаркар. Во десетдневниот период од последниот меч, против ТФТ, тимот од Градски парк се засили со американското крило Брендон Алстон кој треба да ја засили конкуренцијата во екипата и да му даде повеќе опции на тренерот Владимир Мирковски.
Алстон доаѓа од првенството на Нов Зеланд каде оваа сезона настапувал за Хоукс Беј и имал солиден ефект од 14,3 поени, 5,9 асистенции и 3,1 скок по натпревар. Претходно во кариерата настапувал и во Португалија, Естонија, Финска, Чешка, Романија, Германија и НЦАА.
Работнички минатата недела ги покри долговите кон кошаркарите и менаџерите по штп му е симната суспензијата за регистрирање странски играчи. Поради тоа, првпат од почетокот на новата сезона ќе може да настапи комплетен и се надева на успех во дуелот со Тиквеш кој се игра во Кале од 18 часот.


