Неполн месец откако ја прекина соработката со Горан Самарџиев, 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички го договори новиот тренер кој ќе ја води екипата во новата сезона.
КОШ.МК неофицијално дознава дека изборот паднал на Владимир Мирковски, довчерашниот тренер на српскиот прволигаш Војводина. Во својата кариера, тој беше и шеф на стручниот штаб на Куманово, но најголемите успеси ги оствари водејќи екипи во младинските категории.
Таму има дводецениско искуство и освоени грст медали, како резултат на што два пати беше прогласуван за тренер на годината на младински екипи во земјава. Освен ова, беше асистент и во МЗТ Скопје кога овој тим настапуваше во АБА лигата и во Еврокупот и со клубот од Аеродром има една шампионска титула.
Пред корона пандемијата Мирковски како тренер работеше во Кина, а потоа во Скопје ја отвори Кошаркарската академија ИБА која тесно соработува со српската кошаркарска легенда Жељко Ребрача.
Работнички наскоро би требало да ја официјализира соработката со 40-годишниот стручњак, а потоа да тргне во процес на составување на тимот за претстојната сезона. Костурот на екипата треба да остане ист, со исклучок на Андреј Шошкиќ кој заминува во САД, но желбата на раоводството на клубот е да се донесат квалитетни странски кошаркари.


