Првопласираниот тим на табелата во македонската кошаркарска Суперлига ТФТ ја оствари седмата победа во низа во сите натпреварувања откако вечерва го совлада градскиот ривал Работнички како гостин со 88-84.
Тоа е седма победа во низа за ТФТ во меѓусебните дуели со Работнички, серија која почна во ноември 2024 година, а се уште трае. Ова беше трета можност за тимот од Градски парк да ѝ стави крај откако пред точно една година загуби со два разлика, а во мај лани се играаше продолжение.
И покрај тоа што се соочува со големи проблеми во играчкиот состав, а новите играчи Костоски и Грушановиќ не настапија, Работнички пружи силен отпор и малку недостасуваше да дојде до изненадувачка победа. Првата четвртина ја доби со 29-26, но тотално потфрли во втората која ТФТ ја искористи за целосен пресврт и водство од 49-42 по 20 минути игра. Следуваше можеби најдобриот период на Работнички кој во првите седум минути од третиот квартал направи 21-5 и поведе со највисоки +9 (63-54, подоцна и со 65-56).
ТФТ одговори со серија од 12-0 за ново преземање во водството, во финишот двете екипи по неколку пати се сменија во водство, но Работнички не го издржа притисокот. Исклучително важнии тројки постигнаа прво Дејвис, па Ташовски, па Иванов и на крајот Говенс кој на 72 секунди пред крајот го постави конечниот резултат. Кошаркарите на Работнички не успеаја да одговорат и ТФТ ја однесе победата.
Дејвис и Ташовски со по 20 поени беа најефикасни кај ТФТ. Работнички ги имаше Ефремовски и Рикиќ кои постигнаа по 24, со тоа што хрватскиот интернационалец оствари и 15 скока, а дабл дабл имаше и Робев, со 18 поени и 11 асистенции.


