Поранешниот шампион на Македонија, Работнички дојде до 11. победа во првенството откако го совлада Тиквеш со 82-77 во единствениот натпревар од денешната програма
Иако ја имаа контролата над резултатот во најголемиот дел од мечот, центарци дојдоа до триумфот благодарение на пресвртот во самиот финиш. На нешто помалку од две минути пред крајот, Тиквеш водеше со 77-73 по кошот на Хил, но потоа до крајот не успеа да постигне ниеден поен.
Рош и Шошкиќ се погрижија за израмнување, Ефремовски постигна тројка за 80-77, а по неколкуте грешки на двете страни, Стојан Ѓуроски од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот. Горан Самарџиев може да биде задоволен од најновите засилувања бидејќи Мениго постигна 13 поени, а Рош оствари дабл дабл со 12 поени и 11 скока и имаше највисок индекс – 24.
Најефикасни кај Работнички беа Ѓуроски и Ефремовски со по 16 поени, додека Хил го предводеше Тиквеш со 19. Интересно е тоа што и покрај скратениот ростер со само десет кошаркари, резервите на Работнички заедно постигнаа 30 поени, за разлика од само седумте на гостинскиот тим.
Со овој триумф, Работнички се искачи на третото место и до крајот на основниот дел ќе ја напаѓа втората позиција. Тиквеш, пак, е се подалеку од плејофот бидејќи разликата со осмопласираниот Феникс изнесува две победи, на четири кола пред крајот на основниот дел од првенството.


