Поранешниот шампион на Македонија, Работнички ќе биде некомплетен и во второто коло од новата сезона во Суперлигата.
Клубот од Градски парк за малку не успеа да ги исчисти суспензиите за трансфери од ФИБА и утре против ТФТ ќе игра само со домашни кошаркари. Тројцата странци кои останаа ќе мораат да почекаат уште една недела за деби бидејќи Работнички покри пет од шесте казни, но и тоа не беше доволно за да се избрише забраната за ангажирање играчи од надвор.
Последната најверојатно ќе биде исплатена в понеделник, па идната недела против Тиквеш на домашен терен Владимир Мирковски би можел да смета на сите кошаркари. Позитивно во моментов е само тоа што утре ќе му бидат на располагање репрезентативците Дамјан Робев и Стојан Ѓуроски со што барем ќе биде продолжена ротацијата.


