Поранешниот шампион на Македонија, Работнички ќе има голем проблем во продолжение од сезоната бидејќи остана без уште еден од американските кошаркари.
Од Градски парк си замина Џејкоб Хатсон кој сезонава е најдобар играч не само во тимот на Работнички, туку и воопшто во лигата. Тој ќе ја продолжи кариерата во турскиот Орманспор, но за разлика од претходните кошаркари кои си отидоа, за него Работнички доби отштета бидејќи Турците ја платија откупната клаузула. На шесте натпревари кои ги одигра, американскиот центар бележеше просечен индекс од 31,7, највисок од сите кои се натпреваруваат во македонското кошаркарско првенство.
Работнички го имаат на центарската позиција и Роберт Рикиќ, но евидентно е дека тој не се наоѓа во најдобра форма што и не е изненадување, ако се знае дека не беше во тренажен процес од мај.
По осум кола, Работнички има биланс 4/4 и се наоѓа на шестата позиција на табелата во Суперлигата.


