Поранешниот шампион на Македонија, Работнички доживеа уште еден убедлив пораз на стартот од новата сезона во Суперлигата.
Откако минатиот викенд загуби од Пелистер со 40 разлика, сега е совладан од градскиот ривал ТФТ кој како формален домаќин триумфираше со 83-63. Работнички повторно беше некомплетен, не играа странските кошаркари кои не се регистрирани иако, за разлика од мечот со Пелистер, сега барем настапија репрезентативцие Робев и Ѓуроски.
Со неколку тинејџери во составот, меѓу кои и 14-годишници, Работнички сепак парираше три четвртини иако ТФТ ги диктираше темпото и резултатот уште од првата минута. Во втората четвртина беше +14 (29-15), но Работнички подоцна се доближи на само четири поени негатива (29-33). Слично беше и во третиот период кога тимот од Тафталиџе се одвои на двоцифрена разлика, но Работнички пак дојде на само седум поени негатива. Сепак, со скратена ротација, тимот од Градски парк не можеше да издржи цел натпревар, во последните десет минути ТФТ се оддалечи на +18 и тука беше крајот на сите надежи.
Гордон со 22 поена беше најефикасен во тимот на ТФТ, Дејвис постигна 17, а Ташовски 13. Виктор Ефремовски повторно го предводеше Работнички, сега со 25 поени, Ѓуроски додаде 16, а Робев 11.


