Иако играа против последнопласираниот тим на табелата, кошаркарите на Работнички ја извојуваа четврата победа во низа.
По голема борба, центарци го совладаа тимот на Чаир со 87-84 во меч кој беше неизвесен до последната секунда. Иако Работнички беше во водство во најголемиот дел од натпреварот, победникот се решаваше во последните секунди и малку недостасуваше чаирчани да се радуваат на првата победа во сезоната.
Гостите беа подобри во воведните пет минути во кои го имаа и највисокото водство, од пет поени (15-10). Работнички одговори со серија од 16-2 за водство од девет разлика, но Чаир не се предаде и по деветте поени по ред во вториот период, дојде до ново водство, сега од 32-29 и предноста ја задржа до три минути пред крајот на полувремето. Првиот дел Работнички го заврши со уште една серија од 16-2 и на голем одмор замина со 50-39.
Се чинеше дека тоа ќе биде доволно, особено поради тоа што во третата четвртина домаќините водеа и со 13 поени разлика, но Чаир беше решен да се бори до крајот. Тоа даде резултат бидејќи на средина од последниот квартал, гостинските кошаркари повторно го израмнија резултатот (74-74) и внесоа драматика во финишот. Последната шанса за нив дојде на 15 секунди пред крајот кога Томпсон погоди само едно од двете слободни фрлања, па Чаир имаше напад при резултатот 85-83. Тачи беше фаулиран на четири секунди пред крајот и доби можност да се избори за продолжение, но погоди само еден „пенал“, топката ја прифати Хатсон кој потоа два пати беше прецизен од линијата и ја запечати победата на Работнички.
Хатсон го одигра најдобриот натпревар во дресот на тимот од Градски парк, постигнувајќи 31 поен и 13 скока за индекс 46. Се истакнаа уште Ѓуроски со 19 и Ефремовски со 16 поени, а дополнителна тежина на победата на Работнички дава фактот што играше без класичен центар и беше ослабен со неиграњето на Џордан Онил. Билингсли со 25 поени беше најефикасен во тимот на Чаир кој останува единствен без победа во досегашниот дел од првенството.
фото: МКФ


