Покрај Александар Костоски, Работнички за продолжението од сезоната се засили и со еден српски интернационалец кој треба да помогне во обезбедувањето што подобар пласман.
Нов член на тимот од Градски парк е крилниот играч Младен Грушановиќ кој во Работнички доаѓа како слободен играч. Својот последен ангажман го имаше минатата сезона која ја помина во тимот на Гостивар и таму беше еден од најдобрите играчи. Настапи на 27 натпревари, постигнувајќи притоа просек од 13,1 поен и 3 скока, а беше меѓу најзаслужните што Гостивар обезбеди опстанок.
Освен во Гостивар, 29-годишниот кошаркар играл и во Србија, Црна Гора и Хрватска, а потекнува од школата на Мега со која пред повеќе од една деценија учествувал и во јуниорската Евролига.


