Обременет со повредени играчи и со неколку што неодамна си заминаа од клубот, Работнички остана со само шестмина кошаркари кои требаше да ја бранат честа на клубот на гостувањето кај МКК Куманово.
По долга борба, домаќините слава со 82-77, продолжувајќи ја победничката серија во дуелите со Работнички која веќе изнесува три натпревари. Кумановци беа подобри во текот на мечот, имаа и +16, но тимот од Градски парк во финишот се закани со пресврт и за малку не дојде до него.
Работнички само во три наврати беше во водство и тоа во втората четвртина при што највисоката предност изнесуваше два разлика (34-32). Домаќините брзо ја вратија контролата над резултатот и во третиот период дојдоа до највисоките +16 (59-43). На шест минути пред крајот на натпреварот беше 73-60 и се чинеше дека се е готово, но тогаш почна кам-бекот на Работнички. Гостите направија серија од 9-0 за со тројката на Ефремовски на 18 секунди пред крајот да дојдат на само еден поен негатива (75-76).
Димитриевски и Робев потоа разменија по две слободни фрлања, прецизен од линијата беше и Стевановиќ за 80-77 за во следниот напад Работнички да ја загуби топката и Лука Димитриевски стави точка на сите дилеми.
Стевановиќ го предводеше МКК Куманово со 22 поена, но најдобар играч на домашниот тим беше Урош Луковиќ со 21 поен и девет скока. Роберт Рикиќ заврши со дабл дабл од 25 поени и 10 скока, а покрај него, за Работнички на овој меч играа само уште Алстон, Робев, Наков, Ефремовски и Борјан Стојановски.


