Првпат во својата кратка историја, ТФТ ќе игра во големото финале од македонскиот кошаркарски плејоф и ќе го предизвика актуелниот шампион МЗТ Скопје.
По триумфот во Купот во 2022 година, ова е најголем успех на „маалскиот“ клуб од Тафталиџе кој за кратко време стана сила во домашната кошарка. И во ТФТ се свесни кој е фаворит во финалето, но исто така се свесни дека немаат што да загубат во дуелот со најдобриот тим во Македонија. Тренерот Боро Смилковски е вечен оптимист кога станува збор за шансите и амбициите на ТФТ и така се однесува и пред првиот меч од финалната серија кој е на програмата в четврток од 19:30 часот во „Јане Сандански“.
„Сезоната ја почнавме без резултатски императив, но добриот старт што го имавме полека наметна да размислуваме за повеќе. Дополнителните промени во составот и адициите на Василевски, повратникот Ташовски и Браун ни дадоа право да се надеваме дека можеме да стигнеме далеку оваа сезона.
Ми се чини дека екипата ‘кликна’ во финишот на сезоната, добрата форма и хемија која ја имавме цела година се отслика и во плејофот и успешните серии против Чаир и Работнички. Кога ќе го согледаме сето ова кај нас преовладува чувството дека заслужено се пласиравме во историско финале.
Не чека финале против МЗТ, на хартија дуел помеѓу Давид и Голијат. Го респектираме противникот, меѓутоа мислам дека научивме како да се респектираме и себеси, а токму тоа ни даде дополнителна доза на самодоверба и верба дека можеме и повеќе до крајната цел – историска титула за Тафта.
Рецептот за успех е едноставен, ќе мораме да победиме барем еднаш во Аеродром, зошто не би било тоа веќе в четврток на првиот натпревар…“, вели тренерот на ТФТ.
Иако оваа сезона ТФТ има 1-1 во меѓусебните дуели со МЗТ Скопје, во својата историја се уште не ги победил „штрковите“ во Аеродром. Работнички во 2018 година е последен што успеал три пати во една серија да го совлада МЗТ Скопје.


