Еден од најголемите таленти во македонската кошарка и играч од кого се очекува во иднина да биде меѓу носителите на играта на репрезентацијата Андреј Митревски, во саботата забележа редок јубилеј.
Иако има само 21 година, тој на дуелот со Тиквеш стигна до 100 натпревари во Првата македонска кошаркарска лига, бројка со која можат да се пофалат мал број кошаркари на негова возраст, како во моментов, така и во минатото. Актуелниот капитен на Феникс дебитираше во елитната конкуренција во 2020 година во екипата на ТФТ за која играше како позајмен играч од својот матичен клуб.
Кога Феникс влезе во Првата лига, Митревски се врати таму и веќе четврта сезона е еден од главните играчи во овој тим. Во меѓувреме стана и сениорски репрезентативец, со Феникс во 2023 година стигна до финалето на Купот на Македонија, а истата година дебитираше и во европските купови, во квалификациите за ФИБА Европа купот.


