Машката кошаркарска репрезентација на Македонија денеска се собра во Скопје пред официјалниот почеток на подготовките за стартот на првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Од најдолното скалило, нашиот национален тим ќе се обиде конечно да го прекине долгото отсуство и да се пласира на континенталниот собир за четири години, но дотогаш треба да помине низ голем филтер. Во однос на претквалификациите за Светското првенство што се играа во текот на летото, сега во составот има неколку квалитетни имиња кои најавуваат подобри резултати, но селекторот Марјан Илиевски не сака да се созадава еуфорија.
„Она што било, тоа ќе го оставиме во минатото. Вратите се отворени за сите кои се на располагање. Оние кои играа летоска го дадоа својот максимум, можеби и над максимумот. Надополнети сме со играчи кои се поискусни, што не значи дека многу работи се менуваат, но значи дека играчите кои имаат играно поинакви мечеви се присутни тука и сигурно ќе бидат од значење, не потценувајќи никого што беше тука за време на летото, бидејќи нивното време доаѓа“, рече Илиевски.
Во националниот тим се враќа Војдан Стојановски кој не играше летоска, по подолго време тука е и Андреј Јакимовски, а има и нов натурализиран играч во Омари Мур.
„Вајли е со тимот, Мур доаѓа в среда, а Сестина е повреден и ќе отсуствува три месеци. Имаме на располагање двајца натурализирани играчи и ќе одлучиме кој ќе игра. Двајцата ќе бидат тука и по она кое ќе го увидиме, ќе ги распоредиме. Андреј Јакимовски е исто така присутен тука, сигурно ни значи многу како македонски играч и кошаркар кој веќе има одлична минутажа во својот клуб. Игра во квалитетна лига, се работи за европски систем во последните месеци и ќе биде од огромно значење“, додава селекторот.
На стартот од претквалификациите, Македонија ќе го пречека Азербејџан и ќе гостува во Ирска, но се освен пласман во следната фаза ќе биде голем неуспех за нашата репрезентација.
„Азербејџан и Ирска… Не постојат држави кои не играат кошарка. Да не ги кажуваме предвреме нашите очекувања, секој пат ќе биде тоа, да дадеме 100% од себе и да се победат мечевите. Но, не сакам никој да не сфати здраво за готово, и дека за три дена ќе видиме нешто ново, иако тоа се играчи што играле долго време во репрезентацијата. Овие три дена кои ги имаме на располагање ќе ја воиграме нашата замисла и играчите да одговорат максимално што можат
Азербејџан, од она што го имаме како информација, го мениуваат странскиот играч. Претходно имаа центар, сега имаат плејмејкер. Се работи за играч кој низ клубовите бил меѓу носителите, па сигурно е дека ќе се промени нивната тактика на терен затоа што имаат носител-играч на друга позиција. И останатите играчи им настапуваат, но не оставаат некаква конкретна и јасна слика, секој меч им е различен од другиот. Некој меч се длабоко во негатива, некои мечеви се близу до победа, така што ќе говориме по мечот“, заврши Илиевски.
Првиот тренинг, репрезентацијата ќе го одржи вечерва од 18 часот во Кале, утре и задутре ќе одржи по два тренинга, а ќе тренира и в четврток претпладне, на денот кога се среќава со Азербејџан.


