На помалку од два месеца пред стартот на претквалификациите за Светското првенство во 2027 година, Кошаркарската федерација на Македонија објави, а ФИБА потврди каде ќе ги пречекаме Унгарија и Романија.
Изборот падна на Куманово, град кој првпат по 1999 година ќе биде домаќин, односно дом на македонската кошаркарска репрезентација. Во салата која наскоро треба да биде повторно отворена по реновирањето, на 2 август ќе играме против Романија, а на 20 август против Унгарија. Во меѓувреме, Македонија ќе им гостува на овие селекции, на 9 август во Солнок на Унгарија, а четири дена подоцна во Орадеа, на Романија.

Дуелот на Илинден во Куманово ќе биде официјално деби на новиот селектор Марјан Илиевски кој претстојнава недела треба да биде промовиран на новата функција. За него тоа ќе биде враќање на старото место бидејќи четири години од својата играчка кариера помина во тимот на Куманово.

Градот на северот на Македонија е познат по пеколната атмосфера што ја правеше кога Куманово имаше силен прволигаш и се очекува тоа да се повтори и на исклучително важните дуели од претквалификациите. Салата која е при крај со реновирањето ќе собира над 5.000 гледачи.
Последен пат Македонија играше надвор од Скопје во 2023 година, во претквалификациите за Европското првенство кога во Гевгелија ги пречека Данска и Норвешка.


