Сениорската репрезентација на Македонија утре патува за Унгарија каде в петок ќе го одигра вториот натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Мечот ќе се игра во Солнок, а на пат ќе заминат сите 15 кошаркари кои останаа во комбинација по последниот рез на селекторот Марјан Илиевски. Тоа значи дека ќе заминат и Лукановски, Василевски и Миловановиќ кои не беа во составот за мечот против Романија во саботата.
Гостувањето на репрезентацијата е двојно бидејќи по мечот во Солнок, тимот нема да се врати во Македонија, туку ќе продолжи кон Орадеа каде на 13 август ќе се сретне со Романија во четвртото коло од претквалификациите. Тоа е и главната причина што на пат ќе заминат сите 15 кошаркари.


