Македонската сениорска репрезентација денеска ги заврши подготовките во Скопје и замина за Куманово каде во карантин ќе го дочека натпреварот против Романија в сабота.
Во пресрет на заминувањето, селекторот Марјан Илиевски го скрати списокот на кошаркари, од 17 на 15, а отпаднаа Стефан Стојковиќ кој летово играше на Европското У20 првенство и членот на МЗТ Скопје, Андреј Андоноски. За Куманово заминаа: Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Марко Миловановиќ, Валмир Какруки, Никола Василевски, Андреј Магдевски, Адем Мекиќ, Андреј Митревски, Амар Хот, Теодор Симиќ, Лука Савичевиќ, Максим Митевски, Тома Стојановски, Марко Луканоски и Џејкоб Вајли.
И овој состав ќе претрпи промени бидејќи од него ќе отпаднат тројца кошаркари пред мечот со Романија. Дуелот се игра в сабота од 20 часот и со него официјално за македонската репрезентација почнуваат претквалификациите за Светското првенство.


