Најголемата легенда на македонската кошарка Лазар Лечиќ ќе добие врвна почест од најтрофејниот македонски клуб Работнички.
Салата во срцето на Градскиот парк, која во моментов е во фаза на реконструкција, ќе го добие неговото име со што ќе се испочитува сето она што тој го направи и за клубот и за кошарката во земјава, во целина. Информацијата за оваа одлука ја соопшти лично градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Во срцето на Дебар Маало се сретнав со ветераните на Работнички, Драган Радосављевиќ, Ристо Ѓорчевски, Томе Димишковски и Огнен Герасимовски, со кои дискутиравме за славните денови, за сегашните состојби и за иднината на клубот. Предложив реконструираната сала да го носи името на Лазар Лечиќ, творецот на македонската кошарка, под чие водство Работнички ги освои титулите во 1963 и 1964 година и се пресели во Првата сојузна лига. Среќен сум што ветераните едногласно го поддржаа предлогот, велејќи дека Лечиќ е човекот што не научи да играме со срце и тимски дух. Во знак на благодарност за се што направија, ветераните ќе имаат и своја ложа наменета токму за нив“, објави тој.
Во август се навршува една година од смртта на Лечиќ, кој почина на 85-годишна возраст, а салата во Градски парк треба да биде реотворена еден месец подоцна. Лечиќ беше тренер на Работнички вкупно 13 години, ја водеше екипата во лигата на поранешна Југославија, а работеше во клубот и на други функции.


