Со седум трофеи како играч, Горан Самарџиев е еден од најуспешните во Купот на Македонија, во 2008 година беше и МВП на завршниот турнир, но се уште го чека првиот пехар како тренер.
Од утре до сабота, во Гевгелија ќе се одржи новото издание на Купот, а кавадарчанецот од клупата на Работнички ќе се обиде да дојде до првиот трофеј откако пред крајот на 2023 година беше назначен за тренер на клубот од Градски парк. Задачата нема воопшто да биде лесно бидејќи прв противник на Работнички е најголемиот фаворит и бранителот на титулата МЗТ Скопје, но Самарџиев, сепак, очекува успех.
„Одиме во Гевгелија да го освоиме трофејот од Купот на Македонија. Подготвени сме за ова натпреварување, имаме големи очекувања, само да биде фер и коректно од и за сите учесници во Купот“, рече Самарџиев на денешната прес-конференција.
Работнички оваа сезона два пати играше против МЗТ Скопје и два пати загуби, па во утрешното четвртфиналето ќе се обиде да ја прекине лошата серија.


