Со триумфот на МЗТ Скопје против МКК Куманово, стана јасно дека и оваа сезона шампионскиот трофеј ќе остане во главниот град на Македонија бидејќи ривал на клубот од Аеродром ќе биде ТФТ или Работнички.
Тоа ќе биде прво „скопско“ финале по пауза од шест сезони бидејќи последен пат екипи од овој град се бореа за титулата во 2019 година кога МЗТ го победи Работнички со 3-0. Следната сезона беше прекината поради пандемијата со корона вирусот, а потоа во финалето еднаш се пласира Еуро Никел (сега Тиквеш) и три пати по ред Пелистер.
Пласманот на МЗТ во финалето, исто така значи дека и по 14 години, шампионската титула нема да замине од Скопје. Последен пат некоој клуб од внатрешноста триумфираше во домашното првенство во 2011 година кога Фени Индустри (сега Тиквеш) го победи Работнички со 4-1. Следната сезона почна доминацијата на МЗТ Скопје кој до лани освои 11 од 12 титули, а 12. му припадна на Работнички, во 2018 година.
Од осамостојувњето на Македонија, шампионската титула во домашното првенство ретко се селела од Скопје, од вкупно 31 трофеј досега, 26 освоија Работнички и МЗТ Скопје, а единствените кои успеваа да ја прекинат нивната доминација се Фени Индустри (три пати), Николферт и Струмица (по еднаш). Николферт и Струмица повеќе не постојат, но доминацијата на скопските екипи е поразителна за домашната кошарка бидејќи во другите градови има се помалку заинтересирани за овој спорт, како директни учесници, така и инвеститори, односно спонзори.
И трофеите од Купот на Македонија последните 15 години завршуваат во Скопје. Последниот клуб од „надвор“ кој се закити со пехарот беше Фени Индустри во 2010 година.


