Екипата на Гостивар приреди сензација на стартот на 17. коло од Првата македонска кошаркарска лига откако вечерва на домашен терен го совлада МЗТ Скопје со 60-55.
Резултатот дополнително добива на значење ако се знае дека гостиварци до овој меч беа во серија од четири порази, додека шампионот славеше на претходните седум меча во првенството. Во првиот меч на овие две екипи сезонава, во „Јане Сандански“, МЗТ се спаси од пораз по продолжение, но вечерва потона на теренот каде знаел да колабира и порано.
Веројатно никој не можеше да предвиди ваков развој на настаните ако се знае дека МЗТ почна со 13-0 и по само три минути игра се чинеше дека ќе го прегази противникот кој во овој меч влезе со серија од четири порази. Сепак, Гостивар неочекувано брзо се созеде од шокот и на две минути пред крајот намали на 13-18 за пред крајот на првата и почетокот на втората четвртина да направи серија од 16-0 и да поведи со огромни 29-21. МЗТ одговори со серија од 14-0 во финишот од вториот и стартот на третиот период и пак го презеде водството (37-33), но Гостивар на почетокот од последниот квартал водеше со 49-39. До крајот на мечот, скопскиот тим успеа само два пати да израмни, но не и пак да го преземе водството. Херој на Гостивар беше Елис кој во клучните моменти постигна пет поени по ред, но изненади конфузијата во нападот на шампионот кој во финишот не можеше да креира вистинска акција и да постигне кош. Магдевски од линијата за слободни фрлања можеше да го врати МЗТ во игра, но промаши две слободни фрлања при негатива од 55-58, за потоа Грушановиќ само да стави точка на натпреварот.
Поени за МЗТ Скопје постигнаа само петмина кошаркари, најефикасен беше Војдан Стојановски со 18, а исклучително интересна статистика имаше Магдевски кој не се запиша во листата на стрелците, но затоа оствари 12 асистенции и 8 скока. Ветеранот Соколов беше најдобар кај Гостивар со 13 поени.


