Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш оствари важна победа во борбата за опстанок и пласман во плејофот, совладувајќи го на домашен терен МКК Куманово со 84-83.
Кумановци до овој меч ја имаа најдолгата победничка серија која изнесуваше шест триумфи, а последен пат беа совладани пред повеќе од два месеца. Победникот се решаваша во финишот и покрај тоа што на средина од третата четвртина домашниот тим имаше предност и од 15 поени разлика (61-46).
МКК Куманово пред крајот на тој период се доближи на само четири поени негатива, но Тиквеш во последната четвртина повторно отиде на двоцифрена предност. Сепак, вистинска драма се случуваше во последните три минути од натреварот. Јанески намали на 75-77, но Младеновиќ и Хил го однесоа домашниот тим на +6 (82-76). Радукиќ со 2+1 намали на три разлика, на 18 секунди пред крајот беше и 83-82 за Тиквеш, кавадарчани промашија дури четири слободни фрлања, но Јанески во финишот не искористи положување за победа и Тиквеш се израдува на четвртиот триумф оваа сезона кој го носи на деветтата позиција на табелата.
Ајзеа Хил го одигра најдобриот натпревар откако дојде во Тиквеш, постигна 31 поен и заедно со Младеновиќ и Пантелиќ кои реализираа по 16, беа најзаслужни за триумфот на овој тим. Радукиќ со 22 поена и 11 скока го предводеше МКК Куманово за кого Волер додаде 21 поен.


