Бранителот на титулата во домашното првенство МЗТ Скопје оствари убедлива победа во првото големо дерби во 2025 година.
Аеродромци го совладаа Пелистер 82-62 и останаа на делба на првото место на табелата, но сега само со ТФТ. Решавачки беше одличниот почеток на МЗТ Скопје кој во почетната фаза од натпреварот дојде до висока предност што подоцна успеа да ја сочува до крајот.
Пелистер беше без постигнат поен повеќе од четири минути на почетокот од натпреварот, па додека гостите се свртеа, МЗТ Скопје веќе водеше со 10-0. Во деветтата минута беше 16-3, а на стартот од вториот квартал и 25-9 за шампионот кој немаше намера да застане. На четири минути пред крајот на првото полувреме предноста на МЗТ Скопје изнесуваше и 19 поени разлика (33-14), па уште тогаш беше јасно дека Пелистер нема што да бара на овој меч.
Знаци на живот гостите дадоа на почетокот од второто полувреме кога во два наврата се доближија на -9 (32-41 и 34-43), но тоа беше се од нив. МЗТ Скопје брзо отиде на +18 и ги уништи сите надежи на противникот за евентуална драма во завршната фаза од натпреварот.
Дион Едвин со 18 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, но најистакнат поединец беше Магдевски кој постигна 16 поени, 10 скока и 5 асистенции. Кај Пелистер, Стајиќ и Антоан постигнаа по 14 поени.


