Иако се очекуваше дерби дуел, екипата на МЗТ Скопје мошне лесно излезе на крај со МКК Куманово и ја оствари шестата победа во низа во домашното првенство.
Актуелниот шампион славеше како гостин со 83-67 и од денеска официјално е осамен на првото место на табелата, благодарение на поразот на ТФТ од Феникс. МЗТ Скопје само потврди дека е едно ниво над сите екипи во лигата и останува апсолутно најголем фаворит за титулата.
Денешниот натпревар беше неизвесен само во првите шест минути кога МКК Куманово два пати беше во водство (6-5 и 8-7). Пред крајот на првата четвртина МЗТ се одлепи на +7 (26-19), а веќе во вториот период напрацви двоцифрено водство (33-23). Така беше до средината на третата четвртина кога шампионот направи серија од 9-0 и отиде на 53-36. Оттука повеќе немаше дилема околу победникот, а на пет минути пред крајот МЗТ Скопје ги достигна највисоките +25 (75-50).
Бојан Крстевски го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона, постигнувајќи 26 поени со четири тројки од пет шута, а освен тоа успеа да го неутрализира Луковиќ кој остана на само два поена за 27 минути во игра. Тадиќ со 28 поени беше најефикасен во тимот на МКК Куманово.


