Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс во моментов е еден од најдобрите плејмејкери во европската кошарка, за малку му избега МВП признание во Евролигата, но со своите изданија последните 2-3 години, го привлече вниманието на најдобрите клубови.
Кошаркарот на Париз, сепак, својата кариера ја градеше постапно, од колеџ замина во Летонија, па во Хамбург кој тогаш ги правеше првите чекори кон германската елита, потоа играше во Кралсхајм за во 2022 година да го почне летот кон ѕвездените височини преку Телеком Бон. Во тој период за него бил заинтересиран и АБА лигашот ФМП, но до трансфер на Шортс во Србија не дошло.
TJ Šorts je bio "blizu" dolaska u FMP. 😅 pic.twitter.com/zMleTEW4CP
— MaxBet 🇷🇸 (@MaxBetSrbija) June 6, 2025
„Тој не ни беше понуден, туку ние се интересиравме за него пред да се пресели во Бон. Имавме листа од неколку плејмејкери и тој се наоѓаше на неа. Неговите агенти ни рекоа дека со тренерот Туомас Исало ќе оди во Бон, а кога пропадна работата, ние си рековме: па добро, многу е мал, тешко дека ќе успее, а и шутира тројка со 20%. Ама, ете, помина“, откри тогашниот тренер на ФМП, сега предводник на Игокеа, Ненад Стефановиќ кој не крие дека иако немал шанси да го донесе Шортс, сепак направил погрешна проценка.
Хронолошки, ова се случувало во 2022 година, а неколку месеци подоцна Шортс почна да игра и за македонската репрезентација. Оттогаш американскиот плејмејкер со македонски пасош беше прогласен за МВП на германското и француското првенство, како и на Лигата на шампионите и Еврокупот.


