МЗТ Скопје го комплетира вториот хет-трик во Купот на Македонија откако вечерва славеше во финалето во Гевгелија, против Кожув со 86-61.
Со тоа, тимот од Аеродром ја потврди доминацијата во домашната кошарка, освојувајќи го деветтиот трофеј во низа и 13. во Купот со што му избега на Работнички за три титули. Кожув заслужува честитки за прикажаното во овие три дена, но во финалето едноставно немаше одговор за поквалитетниот ривал.
Вечерашниот натпревар многу наликуваше на дуелите на МЗТ Скопје против Работнички и Пелистер во претходните две фази. Противникот добро отвори, се држеше во првите 3-4 минути, а потоа следуваше серија од 8-0 со која „штрковите“ ја презедоа контролата над резултатот и не ја испушти до крајот. На стартот од вториот дел, МЗТ првпат имаше двоцифрена предност (25-15), на полувреме беше 42-27, а во третиот период Кожув само во неколку наврати успеа да ја намали негативата на едноцифрена вредност, но најмногу до -9. Иако и претходно беше јасно дека МЗТ нема да ја испушти предноста, на седум минути пред крајот гостите првпат отидоа и над 20 поени предност и тука беше крајот на сите надежи на гевгелискиот тим.
Андреј Маслинко со 17 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, Крстевски додаде 16, а Војдан Стојановски 12. Андрија Стевановиќ со 20 поени го предводеше тимот на Кожув кој и во второто финале од Купот на Македонија не успеа да дојде до трофејот.


